Анализата од црните кутии на срушениот украински патнички авион покажува дека тој бил погоден од две ракети во временски интервал од 25 секунди и дека патниците биле се уште живи некое време по првата експлозија, објави денеска Иран.

Соопштението на иранската организација за цивилно воздухопловство е првиот официјален извештај за содржината на црната кутија и податоците од пилотската кабина, кои во јули беа испратени во Франција за анализа, пренесува Ројтерс.

Техеран објави дека случајно го соборил украински авион во јануари, во време на екстремни тензии со Соединетите држави. Сите 176 луѓе во авионот се убиени.

Деветнаесет секунди откако првата ракета го погоди авионот, гласовите на пилотите во пилотската кабина укажуваат дека патниците се живи. 25 секунди подоцна, другата ракета го погоди авионот, се наведува во соопштението.

Иранската револуционерна гарда го собори авион на украинската авиокомпанија со ракета „земја-воздух“ на 8 јануари, веднаш по полетувањето на авионот од Техеран.

Официјален Техеран подоцна призна дека тоа била „катастрофална грешка“ на иранските воени сили за време на конфликтот со Соединетите држави.


Напишете коментар