Индија за прв пат објави дека новиот вид на ковид, откриен во март, е поврзан со смртоносниот пандемски бран во земјата.

Примероци, кои содржат варијанта со карактеристична двојна мутација наречена Б.1.617, се пронајдени во неколку држави со голем број случаи.

Официјален претставник од Националниот центар за контрола на болести рече дека, сепак, тие сè уште не успеале да ја утврдат корелацијата.

Индија во средата објави рекордни нови 412.000 инфекции и 3.980 смртни случаи, додека во четвртокот имаше 414.188 нови случаи и 3.915 смртни случаи. Владиниот научен советник предупреди дека третиот бран е неизбежен.

Говорејќи на брифингот на Министерството за здравство, К. Видџај Рагаван призна дека експертите не ја предвиделе жестокоста на сегашниот удар.

Третата фаза е неизбежна, имајќи го предвид високото ниво на циркулација на вирусот, додаде тој за време на брифингот со новинарите.

Сегашниот бран веќе го преплави здравствениот систем и доведе до недостаток на болнички кревети, кислород, па дури и место во крематориумот.

Неколку држави се наоѓаат под локална блокада и полициски час, но владата се воздржува од национална блокада од страв од економски колапс.

Од приближно 13.000 секвенцирани примероци во осум држави, откриено е дека повеќе од 3.500 го содржат загрижувачкиот вид Б.1.617.

Варијантата Б.1.617 е пријавена во неколку индиски држави кои пријавиле големи скокови, вклучително и Махараштра, Карнатака, Западен Бенгал, Гуџарат и Чатисгарх.

Повеќе од еден месец, владата инсистираше на тоа дека новиот вид не е поврзан со сегашната катастрофална епидемиолошка состојба.

Вирусологот Шахид Џамаил изјави за Би-Би-Си дека Индија започнала доста доцна да гледа што се случува со тие мутации.

Многу држави објавија рекорден број на смртни случаи во еден ден во средата – вклучувајќи ги северните држави Утар Прадеш, Харијана и Пенџаб и Тамил Наду и Карнатака на југ.

Западната држава Махараштра, која е најтешко погодена од почетокот на пандемијата, објави 920 смртни случаи.

Сепак, експертите велат дека тој број може да биде далеку поголем поради намаленото тестирање и недоволно пријавување на смртни случаи.

Во неделниот извештај, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека Индија претставува половина од случаите пријавени ширум светот минатата недела, како и четвртина од смртните случаи.

Двојната мутација, како и вирусот откриен во Индија, се јавува кога две веќе мутирани варијанти на вирусот се комбинираат и формираат трета. Таа што е пријавено во Индија е комбинација на варијантите E484K и L452R. E484K е сличен на E484K а таа мутација е забележана во варијантите Б.1.351 (Јужна Африка) и П.1 (Бразил).

Што се однесува до мутацијата L452R, исто така пронајдена во двојната мутација во Индија, таа најпрво привлече внимание како дел од линијата B.1.427 / B.1.429 во Америка, која понекогаш се нарекува варијанта на Калифорнија.

СЗО изјави дека станува збор за вид на ковид кој може да се пренесе побрзо, да предизвика посериозни болести и да се избегне имунитет, без разлика дали е стекнат со вакцина или претходна инфекција.