Студијата за влијанието на употребата на социјалните мрежи врз човековата околина покажа дека една објава на Инстаграм од популарниот португалски фудбалер Кристијано Роналдо, испратена до неговите 240 милиони следбеници, троши иста количина на електрична енергија колку што е потребна за напојување на десет домаќинства за една година.

Роналдо останува најследената личност на таа платформа, со 35 милиони следбеници повеќе од второпласираната Аријана Гранде.

Имајќи цела армија следбеници, профилот на Роналдо на Инстаграм троши околу милион долари годишно (842.000 евра) на спонзорирани објави. Сепак, иако платформата може да ја зголеми банкарската сметка на славниот фудбалер, тоа создава и дополнителни трошоци на други места.

Истражувањето спроведено за потребите на британската телевизија Канал 4 утврди дека една фотографија што се појавува на профилот на Роналдо на Инстаграм се гледа стотици милиони пати, што остава бројни последици.

Сè зависи од различните параметри како што се големината на фотографијата и растојанието што го поминува преку Интернет, од компјутерот на кој е хостирана. Колку подолго патува, толку повеќе енергија троши, рече д-р Раби Башруш од Универзитетот во источен Лондон.

Секој пат кога Кристијано Роналдо објавува фотографија со просечна големина, додека таа стигне до секој од неговите 240 милиони следбеници, тоа е, грубо пресметано, околу 36 мегават часови електрична енергија. Тоа е еквивалентно на вкупната потрошувачка на електрична енергија на 10 британски домаќинства во период од една година. И тоа само ако сметаме дека еден следбеник видел само еден пост!

Минатогодишниот извештај покажа дека Кристијано Роналдо, благодарение на својот профил на Инстаграм, заработил повеќе пари отколку од договорот со Јувентус, пишува РТ. Славниот фудбалер е ангажиран во италијанскиот клуб за плата од 28,6 милиони евра годишно, а се проценува дека заработил околу 42 милиони од рекламни објави на неговиот профил на Инстаграм.

Неговата заработка преку социјалните мрежи е многу поголема од другите фудбалери, па Лионел Меси лани заработи помалку од половина од приходите на Роналдо.