Кај голем дел од пациентите кои имале корона вирус биле дијагностицирани ментални нарушувања дури и неколку месеци откако биле позитивни на ковид, покажа новото истражување на научниците од Универзитетот во Оксфорд.

Во студијата објавена во списанието „Лансет Сајкајатри“, истражувачите од Универзитетот во Оксфорд ги анализирале електронските здравствени досиеја на дури 69 милиони луѓе кои живеат во САД, вклучувајќи и 62.354 лица со дијагностициран ковид-19 помеѓу 20 јануари и 1 август, пишува Раша Тудеј.

Истражувачите откриле дека 20 отсто од луѓето заразени со вирусот корона добиле дијагноза со некое ментално нарушување во рок од 90 дена по тестирањето. Претежно имало различни видови на вознемиреност, вклучувајќи и нарушување во прилагодувањето, посттрауматско стресно нарушување и напади на паника, како и несоница и деменција.

Постоеше загриженост дека луѓето кои биле заразени ќе бидат изложени на поголем ризик од проблеми со менталното здравје, а нашите откритија покажуваат дека тоа е најверојатно точно, рече Пол Харисон, професор по психијатрија и еден од авторите на студијата.