Вечерва во емисијата Во Центар ќе биде емитувано интервјуто со лидерот на Македонски Концепт и поранешен заменик на генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Петар Богојески. Интервјуто трае 90 минути и ќе биде емитувано на youtube каналот Vasko Eftov во 22 часот.

Во интервјуто ќе бидат презентирани мноштво ексклузивни информации кои досега не и биле познати на македонската јавност.

Една од темите е што де факто се случуваше на 27 април 2017 година. Според Богојески акцијата беше водена од осмиот кат на Белата палата каде е седиштето на ВМРО ДПМНЕ, како и од аеродромот во Виена каде тогаш се наоѓал Никола Груевски.

Според Богојески постои список од четири имиња, на блиски соработници на Никола Груевски кои се дел од пакет аранжманот за бегството на Груевски во Будимпешта. За нив, наводно, Груевски барал да не бидат апсени од новата власт. Според Богојески, на тој список е името на поранешниот Претседател на Собранието, Трајко Вељановски.

На прашањето дали во рамките на акцијата на 27 април 2017 година требале да бидат нападнати касарните во Велес и во Прилеп и да биде одземено оружјето, Богојески одговори дека тој располага со безбедносен сертификат и дека не може да одговори на тие прашања. Но ја повика обвинителката Вилма Русковска да ги истражи сите прашања поврзани со настаните од 27 април.

Во интервјуто Богојески говори за аферата Шпион 4 што луѓе од кабинетот на поранешниот Претседател Ѓорѓе Иванов ја воделе против него. За списокот од 150 соработници на бугарските служби во Македонија. За тоа кој е македонскиот олигарх кои на бугарските политичари им платил 14 милиони евра да предизвикаат политичка криза во Македонија и колапс на преговорите меѓу Скопје и Софија.

До кога ќе биде на власт Зоран Заев? Што ќе се случува во Македонија? Дали Заев може да падне од власт по истото сценарио како Никола Груевски? Дали ВМРО ќе се дели на две или повеќе партии и дали ќе мора името ВМРО да заврши во историјата?

Гледајте не вечерва, недела, во 22 часот.