Фудбалската репрезентација на Македонија без пораз ја заврши првата фаза од новата сезона во Лигата на нации. Нашите момци со голем бод се враќаат за Македонија, откако во борбен меч  одиграа 1-1 против домашната селекција на Грузија.

По натпреварот во Тбилиси еден од најдобрите фудбалери на нашата селекција, Ељиф Елмас го искажа своето задоволство од одиграниот меч и освоениот бод, но вели дека по полувремето тактиката беше да се оди на трите бода, но црвениот картон на Муслиу им ги промени плановите. 

„Уште на почетокот знаевме дека нè чека тежок натпревар. Но, двете екипи одигравме солиден натпревар. Можеби ние бевме деконцентрирани во првите десет минути, но по тој примен гол од пенал се вративме како што треба и полувремето го доигравме како што треба. 

Не сме сите 100% подготвени, но се надевам дека таков нема да биде случајот и за дуелот со Косово. Тогаш сите ќе бидеме во натпреварувачки ритам и ќе докажеме дека оваа репрезентација е многу подобра. Долго време сме заедно и имаме големо искуство и токму тоа како и тимскиот дух не остави во живот на овој натпревар, иако долго време игравме со играч помалку. По паузата тргнавме со цел да ги освоиме трите бода, но исклучувањето на Муслиу ни ги промени сите тактики. Сепак, овој натпревар ни е добредојден за она што нè чека против Косово. Лично сметам дека Косово ќе падне во Скопје и за Европското првенство ќе се бориме токму со Грузија“, рече фудбалерот на Наполи за Gol.mk.

Стрелец за Македонија беше Стефан Ристовски, по една одлична акција со капитенот Горан Пандев. Претходно, избраниците на Игор Ангеловски ја совладаа селекцијата на Ерменија со минимални 2-1. 

gol.mk


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *