Бројот на жртви во серијата експлозии, предизвикани од бомбашки напади пред училиште во Кабул, се искачи на 55, додека повеќе од 150 лица беа повредени, главно ученици.

Никој досега не презеде одговорност за нападот, но авганистанскиот претседател Ашраф Гани ги обвини талибанците.

Неименуван висок службеник за безбедност за Ројтерс изјави дека повеќето од жртвите биле ученици кои го напуштиле училиштето. Тој додаде дека многумина кои се тешко повредени се наоѓаат во болница.

Еден од сведоците за британската агенција изјавил дека експлодирала автомобил-бомба пред влезот на училиштето.

Неименуван очевидец изјавил дека скоро сите жртви, освен седум или осум од нив, биле ученици кои се враќале од училиште.

На снимките прикажани на локалната телевизија „Толо Њуз“ се гледаа драматични сцени пред училиштето, книги и училишни торби расфрлани на патот со траги од крв, а жителите брзаа да им помогнат на жртвите.

Тоа е заедничко средно училиште за девојчиња и момчиња кои учат во три смени, од кои втората е за ученички, кои претрпеа најмногу во нападот, изјави за агенцијата Најиба Аријан, портпарол на Министерството за образование.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тарик Ариан, претходно изјави дека бројот на загинати е 25, но тој не ги прецизираше причините за експлозиите, а портпаролот на Министерството за здравство рече дека досега 46 лица се префрлени во болници.

Портпаролот на талибанците Забиулах Муџахид го негираше учеството на бунтовничката група и го осуди инцидентот.