Македонската репрезентација успешно, со четири бода, го заокружи мини-циклусот на стартот од новата сезона во Лигата на нации. Ремито со директниот конкурент за првото место во групата, селекцијата на Грузија, е со позитивен ефект меѓу репрезентативците ако се знае дека е и во ситуација на игра со фудбалер помалку повеќе од половина час.

Според Елиф Елмас, Македонија одигра далеку подобро отколку во Скопје на мечот со Ерменија, и тактички и технички, а тоа меѓу другото се должи и на присуството на капитенот Горан Пандев на терен.

„Секогаш е поразлично кога е Пандев на терен. Со играта, со пристапот на натпреварот, и со односот на терен тој е огромен мотиватор за секој од нас и тоа е очигледно. Јасно е колку е важен за овој наш состав кој се обидува да дојде до толку посакуваниот историски пласман на Европско првенство“ – вели Елмас, кој верува дека македонската селекција ќе биде најдобра токму на следниот натпревар против Косово кој не очекува на 8. октомври во Скопје.

„Можеби го почнавме лошо натпреварот во Тбилиси, но и покрај негативата се вративме на одличен начин и потоа бевме максимално сигурни дури и со играч помалку. Беше тоа тежок натпревар за двете екипи по паузата која остави трага, во еден чуден период кога не сме најподготвени. Но успешно минавме со четири бода од овие два натпревари и сега останува да се концентрираме на натпреварот со Косово во полуфиналниот бараж за пласман на ЕП. Сигурен сум дека против Косово ќе бидеме далеку поподготвени и ќе победиме. Во финалето за пласман на ЕП повторно мислам дека ќе се сретнеме со Грузија“ – истакнува фудбалерот на Наполи.

екипа.мк