Победата над Естонија остави многу проблеми за стручниот и медицинскиот тим на македонската репрезентација, па скоро сигурно селекторот Игор Ангеловски ќе повика нови фудбалери за последниот натпревар во групата, в среда во Никозија против Ерменија.

Имено, селекторот Ангеловски обелодени дека Елмас се пожалил на болки во бутниот мускул и тоа е причината заради која бил заменет во завршницата. Фудбалерот на Наполи ќе оди на лекарски прегледи да се види каква е повредата, а средниот ред ќе биде целосно нов, бидејќи повреден е и Адеми, а казнети заради акумулација на жолти картони се Спировски и Николов.

Остануваат во стожерот Дориев, Костадинов и Тотре, а ќе има и нови повикувања. Челниците на федерацијата ги проверуваат протоколите за ковид-тестирање, по кои ќе се знае кои фудбалери и од кои земји и првенства можат да отпатуваат на Кипар

Езџан Алиоски исто така нема да патува за Никозија, ослободен е и Пандев, а црвен картон од минатиот месец и дуелот со Грузија има Столе Димитриевски. За Кипар речиси сигурно нема да патува и Кире Ристевски, кој има негативен тест на ковид-19, но не може да ја напушта Македонија во моментов, заради решение за изолација.

Извесно е дека Ангеловски ќе повика повеќе нови фудбалери на списокот. Репрезентацијата утре патува за Никозија, каде ќе ја знае својата иднина во идното издание на Лигата на нации. 

извор ; gol.mk