Вакцината Џонсон и Џонсон која се употребува против ковид-19, чија употреба е прекината во Соединетите држави, треба повторно да се користи, со можни ограничувања.

Одлуката треба да биде објавена до петок, изјави денес медицинскиот советник во Белата куќа Ентони Фаучи.

Не мислам дека паузата ќе трае подолго од петокот. Веројатно ќе имаме одлука, изјави Фаучи за ABC News, зборувајќи за група експерти кои треба да се состанат наскоро за да ја разгледаат потенцијалната врска помеѓу вакцината и згрутчувањето на крвта.

Тој изрази уверување дека вакцинацијата ќе продолжи, со можни ограничувања поврзани со возраста или полот, или едноставно со предупредување.

Вашингтон ја прекина употребата на вакцината во вторникот, со цел да се спроведе истрага за шест жени во САД кои добиле сериозни тромбови во комбинација со мал број на тромбоцити по вакцинацијата.

Експертите за прв пат се состанаа во средата, кога се согласија дека им треба повеќе време да донесат одлука за употребата на вакцината.

Фаучи истакна дека згрутчувањето на крвта е многу ретка појава и објасни дека вакцинацијата е привремено прекината, така што експертите можат да ја разгледаат ситуацијата и да се уверат дека ги имаат сите потребни информации.