Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рече на германската канцеларка Ангела Меркел дека спорот во источниот дел на Средоземното море може да се реши со преговори, но и дека Турција не ги завршила своите истражувања во оваа област, бидејќи бродот Орук Реис бил повлечен само поради мал ремонт.

Меркел и Ердоган разговараа преку видео врска, објави турското претседателство.

Несогласувањата на истокот на Медитеранот може да се решат преку преговори, под услов тие да бидат спроведени конструктивно и врз основа на еднаквост, рече турското претседателство, пренесе АФП.

Членките на НАТО, Грција и Турција веќе со месеци се расправаат околу поморските граници и полињата со природен гас, и двете соседни држави тврдат дека имаат право да го истражуваат и дупчат истиот дел на Медитеранот.

Тензиите дополнително се зголемија во јули кога Турција го испрати својот истражувачки брод во спорните води. После тоа, грчките сојузници од Европската унија ги испратија своите борбени бродови во областа, а Анкара и Атина спроведоа воени маневри со фрегати и борбени авиони.

Германија во моментов е претседавач на Европската унија, а нејзината канцеларка Ангела Меркел се обидува да ги смири тензиите во спорот меѓу двете земји со долга историја на конфликти.

Бродот Орук Реис во неделата се вратил во водите во близина на јужната турска провинција Анталија за редовно одржување. Но, Грција смета дека враќањето на бродот е прв позитивен чекор кон ублажување на тензиите меѓу двете земји што се расправаат за природните ресурси на истокот на Средоземното Море.

Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервју за Си-Ен-Ен Турк рече дека одржувањето на Орук Реис може да трае „неколку недели“. „Штом ќе заврши одржувањето, ние одлучно ќе продолжиме со нашите акции, рече Чавушоглу.

Тој брод ги напушти спорните води за време на викендот, што Грција ги смета за своја ексклузивна економска зона, а портпаролот на грчката влада тоа го нарече „позитивен чекор“.

Во видео разговорот, Ердоган и рече на германската канцеларка дека позицијата на европските земји за Источен Медитеран мора да биде конзистентна, додавајќи дека тој ќе продолжи да спроведува решителна политика за заштита на турските права.

Видно охрабрен грчкиот премиер Кириакос Мицотакис и порача на Анкара. Турција има избор, да соработува со Европа на конструктивен начин или да продолжи со своите еднострани активности и ќе се соочи со последиците, рече тој за Економист.

Темата на грчко-турскиот спор ќе доминира на следниот самит на ЕУ на 24 и 25 септември.