Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Централната банка на земјата располага со девизни резерви во износ од 95 милијарди долари.

Ердоган зборуваше на конгресот на Партијата на правдата и развојот (АК Партија) во западниот турски град Измир, и по тој повод ги критикуваше изјавите на претставниците на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), пренесува агенцијата Анадолија.

Имено, тој реагираше на изјавата на лидерот на таа партија во контекст дека Турција треба да се задолжи кај Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Турскиот претседател потсети дека со преземањето на власта тие го презедоа и долгот на Турција кон ММФ, кој тогаш изнесуваше 23,5 милијарди долари и дека тој долг го спуштија на нула во мај 2013 година.

Повеќе немаме долг кон ММФ. Тие ни велат одете и задолжите се кај ММФ. Но, тоа го покажува нивниот карактер. Тие велат дека резервите на Централната банка на Турција се на нула. Дури отидоа и подалеку тврдејќи дека се под нулата, рече Ердоган и додаде:

Кога дојдовме на власт, Централната банка имаше 27,5 милијарди девизни резерви, а во моментов тие изнесуваат 95 милијарди долари.

Тој исто така рече дека во времето кога тој беше премиер, таа бројка го достигна рекордното ниво и изнесуваше 132 милијарди долари. Според неговите зборови, тоа значи дека девизните резерви можат повторно да бидат 132, но и 200 милијарди долари.