Во новогодишното обраќање до нацијата, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја опиша својата контроверзна одлука да ја претвори Света Софија во џамија како „круна на 2020 година“, објави Greek Reporter.

Иако го признава разорното влијание на пандемијата со КОВИД-19 на светско ниво, како и огромните напори на Турција да се справи со пандемијата, сепак, Ердоган истакна дека за него фокусот на сите достигнувања во минатата година е трансформацијата на Света Софија од музеј во џамија.

Света Софија, која е заштитена од УНЕСКО како светско културно наследство, е едно од најсветите места за православното христијанство. Изграден е во шестиот век на местото каде пред тоа имало друга црква. До денес, Света Софија, е една од најдобрите преживеани примери на монументалната византиската архитектура.

По падот на Цариград во 1453 година, Света Софија била претворена во џамија и многу од скапоцените мозаици на ова место биле уништени. Подемот на секуларизмот во Турција, на почетокот на дваесеттиот век, предводен од Кемал Ататурк, заврши со трансформација на џамијата во музеј.

Одлуката на Турција за промена на статусот на културната локација повторно се соочува со широко распространета меѓународна критика. Многумина сметаат дека овој чин е додворување кон верските националисти од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.