Турција издаде ново меѓународно предупредување за сеизмички истражувања во источниот Медитеран од 18-ти август до 15-ти септември во услови на криза во односите со Грција, предизвикана од истражувањето на нафтените наоѓалишта во спорните крајбрежни области.

Според најавата, турскиот брод за истражување „Јавуз“, придружуван од уште три други бродови, ќе спроведе сеизмички тестови во крајбрежниот дел на Кипар. На сите други пловни објекти им се препорачува да не доаѓаат во означената област.

Најавата на Турција за нови сеизмички тестови ги зголемува тензиите во регионот, рече високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел.

Денешната најава од страна на Турција за продолжување на операциите за истражување, за жал, ги зголемува тензиите и несигурноста во Источниот Медитеран. Ги повикувам турските власти веднаш да ги прекинат овие активности и целосно и искрено да започнат широк дијалог со Европската унија“, се вели во изјавата на Борел.

Претставникот на ЕУ, исто така, истакна дека турските акции „ги поткопуваат напорите за деескалација, што е единствениот начин за стабилност и трајни решенија“.

Во последниве денови, турско-грчките односи се влошија повторно. Турција во понеделникот објави дека нејзиниот брод „Оруч Реис“ започна сеизмичко истражување во Источниот Медитеран, во област која Грција ја смета за својата ексклузивна економска зона.

Веднаш по објавувањето на сеизмичкото истражување „Навтекс“, беше свикан Советот за национална безбедност на Грција. Грчките вооружени сили се наоѓаат во зголемена борбена готовност. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека неговата земја ќе продолжи со сеизмички тестови на Медитеранот и дека ќе одговори на секој напад на Грција врз турските бродови.

Кипарската влада тврди дека Турција постојано ги крши суверените права на Кипар. Анкара, меѓу другото, спроведува истражување и сеизмички активности во ексклузивната економска зона и во крајбрежната област на Кипар, со што ги нарушува нејзините суверени права. Европската унија во повеќе наврати ги осудуваше овие акции. Турција рече дека нема да престане со истражувањето во Медитеранот, тврдејќи дека кипарските Турци исто така имаат право да располагаат со природните ресурси на островот.


Напишете коментар