Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција нема аспирации кон туѓите права, територии, мориња и природни ресурси, но дека нема да дозволи некој да има претензии против Турција.

Ние ги браниме правата и интересите на нашиот народ и државата и пријателите во и надвор од нашите граници, на копно, вода, во воздухот и насекаде. Отидовме без двоумење и покажавме решеност и сила каде и да се појави закана за нашата земја, од Ирак и Сирија до Либија и Егејското Море. Ги надминавме сите економски проблеми што ни беа подметнати и им покажавме на луѓето дека сме со нив, рече Ердоган.

Тој оцени дека Турција уште еднаш ги разочарала оние кругови кои очекувале да потклекнат на заканите и нападите и рече дека Анкара има можност да заземе многу поважна позиција во новиот светски, политички и економски поредок по пандемијата.

Ердоган исто така рече дека некои земји во изминативе денови прават големи тензии под маската на незадоволство од суверените одлуки на турските власти за статусот на Света Софија и ресурсите во Егејското Море, јавува агенцијата Анадолија.

Знаеме дека не станува збор за Света Софија или Егејското Море, туку дека всушност им пречи присуството на турскиот народ и муслимани во оваа област. Сите полека почнуваат да ја разбираат оваа реалност и полека се смируваат и ја прилагодуваат својата реторика, рече Ердоган.

Тој додаде дека визиите за развој на Турција веќе вродија со плод, и дека гласните противници на нејзиниот напредок не преземаат конкретни чекори, бидејќи тие се свесни за силата што ја има Турција на сите полиња.

Со предупредување до земјите што ја критикуваат Турција, Ердоган ги повика тие земји или да излезат на мегдан на Турција или да отворат канали за преговори.

Турција нема аспирации кон туѓите права, територии, мориња и природни ресурси. Сепак, нема да дозволиме некој да стави рака на нашите права, територија и интереси, рече Ердоган.


Напишете коментар