Турција се придружува на сѐ подолгата листа земји кои воведуваат затворања и полициски час во екот на забрзаното ширење на коронавирусот. Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека за викенди ќе има полициски час што ќе трае од 20 до 10 часот.

Делумната забрана за движење што досега важеше за лицата над 65 години отсега се проширува и на младите под 20 години, кои преку недела ќе може да излегуваат од дома само од 10 до 16 часот.

За да не се нарушат продажните и производствените ланци, трговските центри, продавниците и фризерските салони ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот, додека рестораните може да работат само со нарачки. Ердоган кажа дека на сила останува и забраната за пушење на јавни места.