Премиерот на Македонија, Зоран Заев, оцени дека фрустрациите околу блокираните преговори со ЕУ и колапсот со испорака на вакцини им даваат простор на Русија и Кина на Балканот.

Според медиумите, Заев ја предупредил ЕУ дека нејзината репутација ќе добие удар на Балканот и ќе го изгуби местото пред ривалските сили, ако наскоро не ги започне преговорите за членство со Македонија и Албанија.

Ако патот на регионот кон ЕУ се забави, тоа ќе отвори повеќе простор за другите сили, особено Русија и Кина. Ако ЕУ не ги исполни своите ветувања во регионот, тоа ќе биде многу помал поттик за Косово и Србија да најдат решение во разговорите под спонзорство од ЕУ и ќе гопридонесе многу потешко БиХ да ги спроведе потребните реформи, рече македонскиот премиерот.

Во интервју за магазинот Политико, направено за време на минатонеделната посета на Атина, Заев ја отфрли идејата на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, да се оддели почетокот на пристапните преговори меѓу Албанија и Македонија .

Пораката против разделбата е јасна и се надевам дека Бугарија ќе биде разумна, рече тој, опишувајќи го проблемот со Софија како „несуштински“, изразувајќи оптимизам дека може да се најде решение за спорот.

Премиерот на Македонија посочи дека се надева на помош на западните сили, вклучително и американскиот претседател Џозеф Бајден. Доколку нема напредок, процени Заев, процесот на проширување ќе биде замрзнат најмалку уште една и пол година поради изборите во Бугарија, Германија и Франција.

Толку многу жртви и потоа ЕУ да не испорача (ветеното). Тоа е проблемот. Покажавме повеќе европски вредности и манири отколку ЕУ, рече Заев, но тој рече дека и покрај сите неуспеси во последно време, тој е оптимист и смета дека ЕУ може да ја врати довербата со брзо отворање на разговори за членство.