Велика Британија ќе остане „пријател“, „сојузник“ и „прв пазар“ за Европската унија и покрај Брегзит. Ова денеска го изјави британскиот премиер Борис Џонсон откако беше склучен трговски договор со Брисел, „добар за цела Европа“, пренесе АФП.

„Ова им го велам директно на нашите пријатели и партнери во ЕУ: Мислам дека овој договор значи нова стабилност и нова доверба во она што беше врска, понекогаш тешка и полна со горчина“, рече Џонсон на прес-конференција. „Ние ќе бидеме ваш пријател, ваш сојузник, ваша поддршка и да не заборавиме – првиот пазар за вас, бидејќи иако ја напуштивме ЕУ, оваа земја останува поврзана со Европа културно, емоционално, историски, стратешки и геополитички“, додаде тој.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази длабоко убедување дека договорот постигнат денес меѓу Велика Британија и Европската унија за нивните идни трговски односи е многу добар резултат.

“Длабоко сум убедена дека добро се снаоѓаме. Со овој договор ги поставуваме темелите за ново поглавје во нашите односи. Обединетото Кралство ќе продолжи да биде важен партнер за Германија и Европската унија”, рече во краткото соопштение канцеларката.

Договорот меѓу Брисел и Лондон за односите меѓу Велика Британија и Европската унија предвидува дека од следната година билатералната трговија нема да биде ограничена со квоти и царини, се вели во резимето издадено од Европската комисија.

Британските и европските производители се очекува да работат според слични правила.

ЕУ и Лондон ја одржуваат својата соработка во борбата против криминалот, вклучително и тероризмот. Предвидено е безбедносната соработка да биде прекината доколку се утврдат кршења на човековите права.

Правата за решавање на спорови се воспоставуваат во рамките на договорот и според претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, ЕК ќе користи процедури слични на кривични случаи против европските земји.

ЕК предвидува договорот да се спроведе со прелиминарен ефект до крајот на февруари 2021 година и да стапи во сила ретроактивно од 1 јануари следната година, откако ќе биде одобрен од ЕП.