Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата партија Фидес ќе ја напушти Европската народна партија во Европскиот парламент, наместо да ја прифати суспензијата.

Таа суспензија најверојатно ќе биде донесена во среда.

Како што пренесува бриселски Политико, Орбан во писмо до претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, најавил дека Фидес ќе ја напушти групата доколку новите одредби бидат прифатени во среда.

Минатата недела, Вебер и другите лидери на партиите на ЕПП се согласија за нови правила за суспензија што ќе им овозможи да казнат цела партија-членка, а не само еден член.

Партијата Фидес веќе е суспендирана од членството од март 2019 година, но нејзините членови продолжуваат да учествуваат во работата на ЕПП во Европскиот парламент.

Унгарскиот министер за семејство и потпретседател на Фидес, Каталин Новак, обвини некои членови на ЕПП дека се вклучиле во неприфатливи борби во време кога „Европа се бори да спаси животи“ и ги обвини лидерите на ЕПП дека ги менуваат правилата за да ги протераат членовите на Фидес.

Потпретседателот на Европскиот Парламент и член на ЕПП, Отмар Карас од Австрија изјави дека групата нема да се потчини на притисокот на Орбан и нема да му дозволи да ги „уценува“.

ЕПП ќе ги продолжи планираните измени на правилата, рече тој.

Доколку Фидес ја напушти ЕПП, таа ќе остане најголемата фракција во Европскиот парламент, а во моментов таа група има 187 од 705 европратеници.

Ќе биде интересно да се види каква ќе биде одлуката на ВМРО ДПМНЕ. Тие се членки на ЕПП, но во исто време Орбан е нивни главен стратешки и финансиски партнер. Така што можната одлуката за целосна суспензија на Орбан може да ја стави опоцијата на тешки маки.