Албанија останува главен извор на трговија со канабис во Европската унија и претставува закана за европската економија и општество. Ова е заклучокот содржан во последниот извештај на Европската полициска канцеларија (Европол), под наслов „Проценка на заканата од сериозен и организиран криминал“, објави албанската телевизија Ора Њуз.

Според Европол, 40 отсто од активните криминални мрежи во ЕУ се вклучени во трговија со дрога. Најраспространет илегален производ останува канабисот, кој во случајот на Албанија се транспортира главно по морски пат до Италија. Повеќе од 60 проценти од организираниот криминал е реализиран преку употреба на насилство и исто така преку корупција, мито и софистицирани шеми од милион долари, посочуваат од Интерпол.

Кетрин Де Боле, извршен директор на Европол, додаде дека извештајот за 2021 година покажува дека и двата индикатори се влошуваат. Нивното влијание врз граѓаните, економијата и владеењето на правото е огромно. Потребни ни се заеднички активности, нови политики. Само конфискациите не се доволни. Овие луѓе користат сè во општеството заради профит, без почитување на животот.

Корупцијата на европско ниво се проценува дека ја стимулира трговијата со дрога, особено на рекордно ниво на латиноамерикански кокаин. Според Де Боле, криминалните групи ја искористиле пандемијата со ковид-19 за да продаваат фалсификувани лекови против коронавирусот. Од почетокот на пандемијата, видовме онлајн продажба на лажни вакцини. Сега ги наоѓаме во физичкиот свет. Изненадувачки, некои луѓе ги купуваат овие вакцини надвор од фармацевтскиот сектор, но тие претставуваат здравствен ризик, рече Де Боле.

Европол ги идентификува перењето пари, сајбер нападите, измамите и еколошките злосторства како други закани за ЕУ.