Европската комисија денеска предложи употребата на Ковид сертификатот за вакцинација да се ограничи во рок од девет месеци од последната примена доза на вакцина, а важноста на документот автоматски да се продолжи со примање на така наречената бустер доза (трета доза) на вакцина против Ковид-19.

Доколку оваа одлука биде усвоена од Советот на ЕУ, одлуката треба да стапи на сила на 10ти јануари, соопштуваат од Комисијата.

Сега постои опција бустер дозата да биде прикажана на сертификатот, а лицето кое ја примило бустер дозата по првиот круг на вакцинација ќе се смета за целосно вакцинирано, изјави комесарот за правда Дидие Рејндерс.

На прес-конференција во Брисел, Дидие Рејндерс нагласи дека научните докази покажуваат дека ефективноста на вакцината паѓа по шест месеци од целосната вакцинација.

Поради тоа, кога станува збор за важноста на сертификатот, предлагаме дополнителни три месеци за давање бустер доза за да се прилагоди кампањата за вакцинација и граѓаните да добијат бустер дози. По девет месеци, сертификатите нема да се признаваат доколку не сте примале бустер доза – изјавува Рејндерс.

ЕК нагласува дека валидноста на бустер дозата „се уште не е утврдена“ и дека е можно заштитата по примањето на третата доза да трае подолго отколку по примарната вакцинација.

ЕК денеска препорача примена на личен принцип кога станува збор за патувања во државите од ЕУ, што ја исклучува употребата само на епидемиолошката карта како инструмент за одредување критериуми и ограничувања.

Сертификатите ќе останат во употреба, но боите на картата ќе се одредуваат врз основа на комбинација од три критериуми – број на ново заразени, тестирани и вакцинирани, се вели од Комисијата.

Во овој случај, ограничувањата не треба да се применуваат за оние кои доаѓаат од зелените зони каде што нивото на пренесување на вирусот е ниско, а треба да се применуваат за невакцинирани и оние кои не го прележале Ковид-19 вирусот, а доаѓаат од области со висок пренос на вируси – објаснува Рејндерс.

Во случај кога патуваат деца помлади од шест години, за нив не треба да важат ограничувања за патување, додека оние постари од 12 години треба да подлежат на истите правила како и возрасните.

Предлогот на ЕК обезбедува и поголема ефикасност и координација на т.н. безбедносна сопирачка, која би се применила во случај на ширење на нови варијанти и мутации на вирусот или при брзо влошување на епидемиолошката состојба.

Во Брисел потенцираат дека досега во ЕУ се издадени 650 милиони сертификати, а со овој систем се поврзани 51 земја.

Кога истите беа воведени минатото лето, сертификатите беа ограничени на една година, но се очекува во овој период да биде продолжен за најмалку уште една година.