Американските здравствени власти следната недела ќе одржат итен состанок на кој, како што се очекува, треба да се препорача вакцината за коронавирус, која чека одобрување, прво да им се даде на здравствените работници и луѓето во установи за долготрајна нега.

Состанок најавен во петокот од страна на одборот за имунизација при Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) сугерира дека Администрацијата за храна и лекови (ФДА) може да биде близу до одобрување на дистрибуција на долгоочекуваната вакцина, барем за групите што се сметаат за најранливи.

Советодавниот одбор на ЦДЦ за имунизација ќе гласа во вторник за да препорача ФДА да им овозможи на здравствените работници и установите за долготрајна нега да бидат првите две групи што ќе добијат првични залихи на вакцина, рече портпаролката на ЦДЦ.

Зелено светло за секоја вакцина би била добредојдена вест за Американците, на кои политичките лидери им наметнаа сè поагресивни мерки за спречување на ширењето на вирусот.

Американците кои веќе се уморни од осум месеци блокади ја започнаа празничната сезона во петокот под притисок да останат дома, да избегнуваат собири и да го намалат божиќниот шопинг.

Ден откако во државата тивко е прославен Денот на благодарноста, во продавниците на кои им се наметнати строги правила против ковид-19 имало помалку клиенти за традиционалниот Црн петок.

Водечкиот американски експерт за инфективни болести Ентони Фаучи ги советува Американците кои веќе имале коронавирус – или претпоставуваат дека го имале – сепак да се вакцинираат штом вакцината ќе биде достапна.

Долгогодишниот директор на Националниот институт за алергии и заразни болести изјави дека нема причина да се верува дека вакцината може да им наштети на оние кои веќе имале ковид-19. „Не мислам дека тоа треба да биде причина за загриженост“, рече Фаучи, охрабрувајќи ги Американците да се вакцинираат кога вакцината ќе биде подготвена.

Двата производители, Фајзер и Модерна, ги завршија клиничките испитувања и тврдат дека нивните вакцини имаат ефикасност поголема од 90 проценти. Фајзер поднесе барање за регистрација на својата вакцина, која може да биде одобрена од Администрацијата за храна и лекови (ФДА) веќе во првата половина на декември.