Вчера Собранието на Република Македонија го избра Александар Даштевски за Претседател на Државната изборна Комисија. Даштевски е предлог на ВМРО ДПМНЕ и на таа позиција доаѓа по истечениот мандат на Оливер Деркоски, кој исто така беше предлог на опозицијата.

По изборот на Даштевски, Филип Петровски на твитер изрази задоволство што кадрите на Демократска десница сега се власт во ВМРО ДПМНЕ. Многу сум задоволен што моите кадри од Демократска десница полека но сигурно го преземаат ДПМНЕ, напиша Петровски на твитер.

Денес на социјалните мрежи се појавија фотографии од првата прес конференција на тогашната партија Демократска десница каде се гледа и Александар Даштевски, подоцна лојален војник на Никола Груевски, а денес предлог на Христијан Мицкоски за прв човек на ДИК.

Инаку на изборите во 2011 година Александар Даштевски беше носител на листата на Демократска десница во втората изборна единица и на изборите настапи со спот каде не само што ја критикува политиката на ВМРО ДПМНЕ, туку и ги изедначува по штетноста за Македонија и ДПМНЕ и СДСМ.

Во меѓувреме Даштевски ја смени математиката и од вадење и делење прејде на собирање и множење и стана лојален војник на Никола Груевски и негов жесток бранител. И не само тоа, туку и како Претседател на Комисијата за дискриминација донесе одлука со која Никола Груевски доби алиби дека е дискриминиран во судските процеси кои се водеа против него и врз база на таа одлука можеше да побара политички азил во Будимпешта.

Вчера поранешниот пратеник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Александар Талевски на фејсбук напиша:

Јас, Александар Талевски член на ВМРО-ДПМНЕ од 1993 година, претседател на ОК Карпош на ВМРО од 1996 до 2000 год. Исто така член на ЦК на ВМРО во тој период и пратеник во Собранието на РМ јавно изјавувам дека додека овој створ е на чело на ДИК нема да излегувам на гласање. Ова е навреда за Македонија

Јас,Александар Талевски член на ВМРО-ДПМНЕ од 1993 година,претседател на ОК Карпош на ВМРО од 1996 до 2000 год.Исто…

Posted by Aleksandar Talevski on Tuesday, January 12, 2021

Во свој кадар Петровски го смета и портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димса Арсовски кој исто така беше член на Демократска десница а сега е високо во хиерархијата на ВМРО ДПМНЕ.