Исклучително висок процент на здравствени работници се заинтересирани да ја примат вакцината против Ковид-19 и тоа е добар сигнал за сите граѓани, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој во гостување на јавниот сервис МРТ, рече дека над 60 проценти од здравствените работници би се вакцинирале против Ковид-19 и дека оваа бројка е резултат на истражување спроведено од Министерството здравство со здравствените работници.

„Вакцинирањето е сериозен и проверен процес. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на коишто досега се развиваа и сите други вакцини. Една вакцина која ќе ја помине процедурата на одобрување од европкасата и американската агенција за лекови, како на пример вакцината на Фајзер, е со сигурност безбедна вакцина затоа што проверките, критериумите и условите на овие две агенции се многу строги“, рече Филипче.

Инаку, во Македонија првите вакцини треба да стигнат во февруари, односно 5.850 дози за 2.925 граѓани од производителот „Фајзер“, како што соопштија македонските власти.

Тие наведоа дека во директни преговори со „Фајзер“ обезбедени се вакцини против ковид-19 за цела 2021 година, а дека земјата ќе добие 800.000 вакцини против Ковид-19.

Властите соопштија дека се обезбедени и 833 илјади дози вакцини што Македонија треба да ги добие преку КОВАКС механизмот. Тие вакцини, наменети за околу 400 илјади луѓе, се очекува да пристигнат до март 2021 година.

Филипче порача дека граѓаните мора да бидат свесни дека само преку вакцинација може да се искорени и победи болеста и според него тоа е „единственото сигурно“ оружје против Ковид 19 вирусот.