Во изминатите два-три дена интензивно работевме на организација и планирање на капацитетите со цел да одговориме на напливот на пациенти, чија бројка во овој момент изнесува околу 330 пациенти позитивни на КОВИД-19 во сите јавни здравствени установи во нашата земја, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Инфективните одделенија и клиниките, посочи, се оптоварени, дел од здравствените работници навистина изморени, после четиримесечна борба со коронавирусот, состојбата на сите одделенија бара постојан надзор и реорганизација на работата.

– Целиот фокус во овие изминати денови го насочивме кон клиничкиот дел и менаџментот на пациенти во периодот којшто е пред нас. Во оваа фаза од епидемијата мора да се организираме и да се подготвиме за целосно амортизирање на напливот на пациенти преку мобилизација и организација на сите расположливи ресурси во нашата земја. Мораме и можеме да го заштитиме здравствениот систем, да го намалиме колку што може повеќе притисокот врз здравствените работници и да обезбедиме прием и добро лекување на сите пациенти кои имаат потреба од тоа, потенцира Филипче.


Напишете коментар