Во Струмица и Куманово е полно, но во останатите болници има слободни болнички кревети за лекување пациенти со Ковид-19, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Како што појасни министерот, станува збор за капацитетите на инфективните и интерните одделенија кои сега се целосно пренаменети за третман на ковид пациенти.

„Огромен е притисокот во изминатите денови, меѓутоа со ова дополнително обезбедување на болнички капацитети, оспособување на интерните одделенија, припремата на кадарот, системот на ротација, апсолутно се обезбедени слободни капацитети и за периодот кој што доаѓа. Имаме план за сместување на пациенти на други интерни клиники и секако план за распоред на стручниот кадар, лекари, интернисти и медицински сестри кои што ќе работат со ковид пациенти“, посочи Филипче.

На вчерашната седница на Владата беше одлучено мерката за групирање на повеќе од четири лица после 21 часот, да важи во текот на целиот деноноќие. Министерот потенцираше дека одлуката е донесена поради тоа што и покрај укажувањата и апелите, во изминатите неколку денови имало собири на јавните површини и паркови за време на викендите.