Кафето направено како еспресо, или капучино, како нес, или како филтер кафе, или пак подготвено на традиционалниот балкански начин – како турско кафе – е исклучително популарна пијачка. Далеку најмногу во Европа, каде секој ден, во илјадници кафулиња низ градовите на континентот, има постојано многу луѓе-пијачи на кафе.

Според имињата на приготвувањето на кафето, впечаток е дека најголеми „зависници“ на оваа пијачка, би требало да се Италијанците и Французите, каде има цели студии за нивната “ кафе култура“, или пак Германците, или Американците, каде кафе по кафулињата и бифињата се долива како да е вода.

Скандинавско изненадување
Но, испитувањето направено по повод 1 октомври- меѓународен ден на кафето- за тоа кој и каде пие најмногу кафе, дојде до сосема поинакви и изнадувачки сознанија.

Според испиеното, што ќе рече, потрошеното количество кафе, по глава на жител и мерено во килограми, најголеми пијачи на кафе се Скандинавците и луѓето од земјите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург).
Мерено според секоја земја посебно, уверливо најмногу кафе трошат (и пијат) Финците- дури по 12 килограми на секој жител на Финска!

На второ место се Норвежаните (9,9 кг.), па Исланд со 9 кг. по жител, додека на четвртото и на петтото место се Данска (8,7) и Холандија (8,4 кг.). Од шестото до десеттото место следуваат – Шведска, Швајцарија, Белгија, Луксембург и Канада.