Француските законодавци доцна во саботата гласаа за прекинување на домашните летови на линиите што може да бидат покриени со воз за помалку од два и пол часа, бидејќи владата се обидува да ги намали емисиите на јаглерод и покрај авиациските проблеми во врска со глобалната пандемија, пренесува Ројтерс.

Мерката е дел од поширокиот предлог-закон за климата насочен кон намалување на емисиите на јаглерод за 40 отсто до 2030 година, во споредба со нивото во 1990 година, иако активистите го обвинуваат претседателот Емануел Макрон за кратење на претходните ветувања за законот.

Гласањето се случи неколку дена откако државата соопшти дека ќе се издвојат четири милијарди евра за докапитализација на Ер Франс, со тоа што француската држава ќе го зголеми за повеќе од двојно својот удел во превозникот за да ги зајакне неговите финансии по повеќе од една година проблеми со пандемијата.

Министерката за индустрија Агнес Пание-Руначе ги отфрли критиките од авионската индустрија дека заздравувањето од пандемијата не е време да се забранат некои домашни летови и рече дека нема никаква противречност помеѓу програмата за спасување и законот за климата.

Знаеме дека авијацијата придонесува за зголемување на емисиите на јаглерод и дека треба да ги намалиме овие емисии поради климатските промени, рече таа за Радио Европа 1. На ист начин, ние мора да ги поддржуваме нашите компании и да не ги оставаме да испаднат од пазарот.

Авиосообраќајот може да не се врати на нивото пред кризата пред 2024 година, предвидуваат аналитичарите.

Некои еколози велат дека законот не оди доволно далеку. Форумот за граѓанска клима основан од Макрон за да помогне во обликувањето на климатската политика, повика на укинување на летовите на линиите до каде може да се стигне за помалку од 4 часа со воз.

Гласањето во саботата вечер во Националното собрание беше во првата фаза. Предлог-законот оди во Сенатот пред третото и последното гласање во долниот дом, каде доминираат владејачката партија и сојузниците на Макрон.