Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави дека турската националистичка група „Сиви волци“ е забранета, додавајќи дека организацијата е одговорна за насилни акти и дека охрабрува дискриминација и омраза.

Советот на француски министри го одобри тоа во средата.

Дарманен сподели фотографија од декретот на Твитер, додавајќи дека групата „е распуштена во согласност со упатствата на претседателот на Републиката“.

„Тие (групата “Сиви волци” ) поттикнуваат дискриминација и омраза и се вклучени во насилни акции“, рече тој.

Дарманен во понеделникот објави дека сака да ја забрани организацијата поврзана со Партијата на турското национално движење (МХП).

МХП остро го осуди потегот на Франција и објави фотографија на Твитер од француската влада „прегрнувајќи ги терористите на ПКК во Елисејската палата“, тврдејќи дека очигледното лицемерие го разоткрива „амбивалентниот став на Европа“.

Анкара упати остри критики кон Франција поради нејзината одлука за забрана на турска националистичка група и ја обвини владата на Емануел Макрон за „двојни аршини“ за „толеранција кон терористички организации“.

Турција одговори со бесна изјава, нагласувајќи го „лицемерниот став на нејзиниот сојузник во НАТО“, поради наводната француска поддршка за политичката група на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација.

„Овој лицемерен став и провокативната одлука донесена под изговор за спречување на насилството потсетуваат на негативните резултати на Франција во борбата против терористичките организации кои се под покровителство и поддршка на Франција“, изјави портпаролот на турското Министерство за надворешни работи.

Турската влада смета дека група курдски борци во Сирија, кои се бореле против Исламската држава, е продолжена рака на ПКК.

Макрон ја налути Анкара минатата година кога беше домаќин на членови на организацијата Сириски демократски сили, во која има и курдски борци.

Во изјавата на Анкара се тврди и дека Париз поддржувал други групи кои Турција ги смета за терористички.

Да потсетиме, минатата недела членовите на „Сивите волци“ беа виденк како јуришаат по улиците на Лион, „трагајќи“ по Ерменци.

Во инцидентот во Лион беа повредени четири лица, а пред тоа на споменикот на жртвите од геноцидот над Ерменците кај Лион беа испишани графити, вклучувајќи го и натписот „Сиви волци“.