Ељиф Елмас одигра цел натпревар во поразот на Наполи кај Гранада (2-0), во првиот меч од шеснаестинафиналето во Лигата на Европа. „Партенопеите“ беа шокирани од шпанскиот тим кој во „блиц-крик“ им даде два гола, а потоа одлично ги одбрани. 

Предводникот на Наполи, Џенаро Гатузо меѓу другото, на прес-конференцијата по натпреварот зборуваше и за Елмас. Тој призна дека не е задоволен од како одиграл македонскиот интернационалец, а истакна дека откако му воочил каде греши Елмас станал нерасположен. 

„Му посочив на Елмас дека направи неколку грешки, а тој стана депресивен. Во фудбалот мораш да разбереш што се кажува и да продолжиш понатаму, а не да размислуваш за грешката. Не ми се допадна како Ељиф реагираше кога му ги посочив грешките, покрај физичкото ниво, мора да бидеме и психолошки спремни“, изјави Гатузо. 

Повредите на соиграчите му донесоа поголема минутажа на Елмас и првотимски фудбал, а тој одлично одговори на задачата со погодоците против Специја и Парма.