Сподели

Илјадници демонстранти протестираа во Берлин против мерките воведени за борба против пандемијата, за кои тврдат дека ги кршат нивните граѓански права и слободи.

Полициски извори проценуваат дека на протестите имало околу 15.000 демонстранти. Меѓу демонстрантите биле и мал број на ултрадесничари кои го носеа знамето на империјалистичка Германија.

Протестите избија откако претприемачот Михаел Балвег повика на нивно одржување. Балвег беше организатор на слични протести во Штутгарт, каде се кандидираше за градоначалник.

Наше барање е да се вратиме во демократија – рече еден од учесниците на протестот, кој како и повеќето други демонстранти не носеше заштитна маска.

Носејќи банери со пораки како „Најголемата теорија на заговор е корона-пандемија“ или „Крајот на пандемијата е ден на слободата“, илјадници демонстранти бараа укинување на мерките за борба против ширење на инфекцијата, како што се социјална дистанца или носење маски.

Илјадници ковидиоти слават во Берлин како втор бран: без маски, без празни места. Тие не само што го загрозуваат нашето здравје, туку и нашите успеси во борбата против пандемијата, а со тоа и во борбата за заживување на економијата, образованието и општо општеството. Комплетно неодговорно, рече Саскја Ескен, Претседателката на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), преку Твитер.

За разлика од некои други европски земји, Германија беше помалку погодена од пандемијата. Сепак, по првичниот успех, бројот на заразени со вирусот на корона повторно почна да расте. Во моментов има повеќе од 210.000 случаи на инфекција и скоро 10.000 смртни случаи од КОВИД-19 во оваа земја.

Повеќето луѓе се придржуваат кон мерките пропишани за заштита од коронавируси, како што се носење маски во продавниците, додека владата неодамна воведе задолжително тестирање за патниците кои се враќаат во земјата од области со висок ризик.

Сепак, мал број граѓани се спротивставуваат на мерките против КОВИД-19, потенцирајќи дека тие се во судир со граѓанските права и слободи и дека тие имаат негативно влијание врз општеството и економијата.


Сподели