Германската влада прогласи натамошни корона ризични подрачја, меѓу другите издадено е предупредување за патување во Лисабон, Даблин, Копенхаген и граничната област во Чешка и Австрија. Погодена е секоја втора земја во ЕУ

Големиот пораст на нови инфекции со коронавирус во повеќе региони во 11 држави од ЕУ е причината поради која германската влада посегна по строги консеквенци, прогласувајќи ги за ризични подрачја и издавајќи предупредување за патување во нив. Ова се однесува на региони во соседните држави Данска, Чешка, Франција, Австрија и Холандија, кои се опфатени во новиот извештај на Институтот Роберт Кох. Со тоа, сега веќе 14 од вкупно 27 држави-членки на ЕУ се сметаат целосно или нивни одредени региони за корона-ризични подрачја. Во придодадените на листата се и области во Хрватска, Романија, Португалија, Ирска, Словенија и Унгарија.

Задолжителна обврска за тестирање за повратниците

Патниците кои се враќаат во Германија од корона-ризичните подрачја, мораат да се тестираат 48 часа пред или по патувањето, доколку немаат актуелна потврда за претходно негативен корона-тест. Предупредувањата за патување не значат забрана, но треба да имаат одвраќачко дејство. Министерството за надворешни работи во Берлин предупредува да не се патува во ризичните региони доколку не постои неодложна потреба. Предупредувањето значи дека туристите можат бесплатно да ги сторнираат паушалните аранжмани, а можат да се повратат и уплатените пари за авион, хотели и туристички сместувалишта доколку подлежат на германското право.