Острите мерки против коронавирусот во Германија ќе останат на сила дополнителни три недели, до 31 јануари, изјави канцеларката Ангела Меркел по договорот со гувернерите на сојузните покраини.

Меркел кажа дека со гувернерите се договорила да бидат заострени и ограничувањата во врска со контактите меѓу луѓето, во согласност со мерките воведени на почетокот на пандемијата во март.

Таа се заложила и за нови ограничувања на движењето на луѓето кои живеат во областите со изразено висок процент на заразени.

Одлуката за продолжување на забраната за движење следи по високите бројки на новозаразени и умрени од коронавирусот, а властите не се сигурни каков ефект божиќните и новогодишните празници имале врз таквата ситуација.

Германските власти на 2 ноември воведоа мерки во целата земја, меѓу кои и затворање на кафулињата и рестораните и објектите за спорт и рекреација.

Тоа меѓутоа не доведе до намалување на бројот на заразените, па на 16 декември мерките беа заострени со затворање на школите и сите продавници кои не продаваат неопходна стока, како и дополнително ограничување на контактите.

Острите мерки требаше да останат на сила до 10 јануари.

Во претходните 24 часа Германија пријави 944 смртни случаи од последици на коронавирусот, со што бројот на умрените е зголемен на 35.518.

Во земјата со 83 милиони жители, за десетина дена се вакцинирани околу 265.000 луѓе.