Армин Паул Хампел, шефот на надворешнополитичкиот одбор на Алтернатива за Германија (АфД) во Бундестагот, претстави поинаков глас од официјалниот став на Берлин кога станува збор за Косово, пренесуваат српските медиуми.

Пратеникот во германскиот парламент во интервју за српски Вести зборуваше за тоа кој има поголемо влијание во преговорите на Белград и Приштина, Европа или САД, и има ли шанси официјална Германија да го смени својот став околу независноста на Косово. Хампел истакна дека Европа никогаш не смее да го прифати организираниот криминал на власта на Косово.

Тој наведе дека Германија би постапила добро кога би признала дека отцепувањето на Косово било спротивно на меѓународното право.

„Како партија одамна укажуваме дека тоа беше акт спротивен на меѓународното право. Знам дека денес е тешко да се реши косовскиот проблем. Но не верувам дека официјална Германија е спремна да го смени својот став“, објаснува тој.

Според него, прашањето на Косово може да се реши само со компромис, додавајќи дека Косово кога-тогаш ќе ѝ се приклучи на Албанија.

„Ако сакате да водите некоја борба, тогаш секогаш мора да бидете уверени дека можете да победите. Имам впечаток дека фронтовите околу Косово се толку забетонирани, дека е можно тоа прашање да се реши само со компромис. При посетата на Белград видов спремност за компромис. Тој договор би можел да биде размена на територии, особено имајќи предвид дека Косово, кога-тогаш, ќе ѝ се приклучи на Албанија. Србија треба да инсистира на заштита на интересите на Србите на Косово“, вели тој.

На прашањето дали поделба на територијата, на што наводно се согласиле Американците, е можно решение, тој вели дека ако прагматично се размислува – тоа е веројатно единственото решение.

„Не знам дали на тоа се согласиле Американците. Но ако прагматично се размислува тогаш тоа е веројатно единственото решение. АфД како партија и за нашата земја бара реално согледување на ситуацијата. Мораме реал-политички да ги решаваме проблемите. Нема, за жал пријателства меѓу земјите, туку само постојат интереси. Ако ги погледнеме интересите на Србија, тогаш тие се оправдани интереси за српското малцинство, односно нивната желба за безбедна иднина, а тоа би можело да се постигне со размена на територии, односно со поделба на Косово. Имајќи предвид дека сметам дека Косово само не би можело да опстане и затоа што сум сигурен дека на крајот ќе се припои кон Албанија, јасно е дека е неопходно територијата на која живее српското малцинство на Косово да се припои кон Србија“, заклучи Хампел.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *