Разговорите меѓу заедничкиот комитет на ЕУ со претставниците на АстраЗанека не дадоа резултати и тие ќе продолжат доцна вечерва.

Како што рече комесарот за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес , ЕУ не е задоволна од одговорите што АстраЗенека ги даде на прашањата на што се должи доцнењето на испораката на вакцините.

Изненадувачката вест беше дека во наредните недели тие ќе испорачаат значително помала количина од договореното. Тоа беше ненајавено и неочекувано. ЕУ го финансираше развојот и производството на вакцините и ние сакаме за возврат да имаме корист од тоа. ЕУ сака да знае точно колку дози се произведени во која фабрика и каде отидоа – рече Киријакидес и продолжи:

Ние разговаравме за овие прашања денес во мешовитиот комитет. Одговорите на компаниите не нè задоволија. Вечерва ќе имаме нов состанок. Ние сакаме испорака на договорените дози што е можно поскоро – рече Киријакидес и најави дополнителни мерки за контрола на продажбата на вакцини што ќе се произведуваат во ЕУ.

Ние им предложивме на земјите-членки да се постави механизам за транспарентност на извозот што е можно поскоро, рече таа.

Таа рече дека ЕУ го поддржа развојот и производството на вакцини против ковид-19 со над две милијарди евра и сака транспарентност во трансакциите и целосна транспарентност во врска со извозот на вакцини надвор од Европската унија.

Во иднина, сите компании што произведуваат вакцини во ЕУ ќе треба однапред да објават кога сакаат да извезуваат вакцини надвор од ЕУ. Дозите испорачани за хуманитарни цели нема да потпаднат под оваа обврска – рече комесарот Киријакидес.