Eпидемиологот Ентони Фаучи, советник на Доналд Трамп, ја критикуваше стратегијата на владата на Трамп во управувањето со вториот бран на епидемијата на коронавирус, на што Белата куќа возврати со обвинување дека сака да го ослаби претседателскиот кандидат пред изборите.

Ентони Фаучи, кој долго време беше главен советник на претседателот за пандемијата, во интервју за „Вашингтон пост“ објавено во саботата рече дека Соединетите држави не можат да бидат „во полоша позиција“ во време кога нагло се зголемува бројот на заболени од коронавирус.

„Ќе имаме проблеми“, предупреди Фаучи, кој е и директор на Институтот за инфективни болести. „Ситуацијата не е добра“.

Тој рече дека Доналд Трамп повеќе не ги прифаќа неговите препораки и сега претпочита да работи со неврорадиологот Скот Атлас, кој се залага за целосно отворање на американското општество, наместо заострување на превентивните мерки.

„Одеднаш тие повеќе не сакаа да ја слушаат нашата порака, бидејќи таа не одговараше на она што тие сакаа да го сторат“, рече Фаучи, додавајќи дека не разговарал со претседателот со недели.

Ентони Фаучи рече дека гледа јасна разлика помеѓу пристапот на Белата куќа и демократскиот кандидат Џо Бајден кој „сериозно ја сфаќа (пандемијата) од перспектива на јавното здравство“.

Портпаролот на Белата куќа Џад Дир ги оцени изјавите на Фаучи „неприфатливи“.

Според него, лекарот „ги крши сите обичаи со тоа што решил да се занимава со политика три дена пред изборите“.

САД објавија најголем број нови заразени со коронавируси досега во петокот, повеќе од 94.000 и скоро 1.000 смртни случаи само тој ден.

Кон средината на октомври, Доналд Трамп го нарече Ентони Фаучи „катастрофа“, на телефонска конференција и го вклучи во групата научници кои заговараат претпазливост во пандемија, која претседателот ја нарече „будали“.