Во Шведска сè уште нема потреба да се носат маски, рече водечкиот здравствен функционер во државата со повеќе од 7.000 смртни случаи од почетокот на пандемијата со ковид-19, еден ден откако СЗО издаде препораки за поширока употреба на маски.

СЗО во средата објави дека луѓето, вклучително и деца постари од 12 години, секогаш треба да носат маски во продавници, работни места и училишта каде што не е можно правилно да се вентилираат просториите, како и при доаѓањето гости во домовите на граѓаните кои се слабо проветрени простории.

Шведската здравствена агенција, која стои зад шведската стратегија против затворањето, ги отфрли препораките за носење маски, повикувајќи се на слабите докази за нивната ефикасност и стравувања дека маските може да се користат како изговор против изолацијата кога ќе се појават симптоми.

“Можеби се потребни маски за лице во некои ситуации. Овие ситуации сè уште не се појавија во Шведска, со оглед на нашиот дијалог со регионите”, рече Андерс Тегнел, водечки шведски епидемиолог, на прес-конференција во четвртокот.

„Сите досегашни студии сугерираат дека е многу поважно да се одржува растојание отколку да се носи маска“, рече Тегнел.

Премиерот Стефан Лофвен во четвртокот објави дека средните училишта ќе се префрлат на часови преку Интернет до крајот на годината во обид да се борат против сериозниот втор бран на коронавирусот.

Шведска во четвртокот потврди 35 нови жртви на ковид-19, со што вкупниот број на жртви достигна 7007 лица.

Во изминатите 24 часа имало 6.485 ново заразени што е помалку отколку пред две недели кога беа потврдени 7.240 инфекции.

Стапката на смртност по глава на жител во Шведска е неколку пати поголема во споредба со нејзините нордиски соседи, но пониска од неколку европски земји кои одлучија да се затворат.