Полицијата во централното градско подрачје на Лондон, поради кршење на националните мерки уапси повеќе од 100-тина лица во протестите против затворањето поради пандемијата на коронавирусот, а поради оградата во кампусот, студенти протестираа во Манчестер.

„Не може да има изговори за луѓето кои опасно ги прекршуваат мерките кои се воведениз а сузбивање на ширењето на коронавирусот“, истакна шефицата на лондонската градска полиција, Џејн Конорс.

Демонстрантите синоќа излегоа на улиците на британскиот главен град и извикуваа „слобода“.

Во Манчестер, студените го изразија својот револт затоа што се затворени во своите студентски домови.

Вчера навечера студентите ја срушија оградата подигната околу нивниот кампус во манчестерскиот Универзитет, која беше подигната како „безбедносна мерка“, односно да се спречи контактот на студентите од различни делови од кампусот, а со тоа и ширењето на коронавирусот.

„Се чувствувам како некој да ме удрил во стомакот“, изјави 19-годишниот Џо Хиндли, појаснувајќи дека студентите не биле известени зошто се поставува оградата.

Од Универзитетот наводно веќе се извиниле и соопштиле дека оградата ќе биде срушена веќе денеска.