Џо Бајден го призна геноцидот врз Ерменците, станувајќи првиот американски претседател што го употребил тој израз за убиството на 1,5 милиони Ерменци од Отоманската империја во 1915 година, пренесе АФП.

Поранешните американски претседатели (Роналд Реган, Барак Обама, Доналд Трамп), поради лојалност кон нивниот сојузник во НАТО и покрај одлуката на американскиот Конгрес, избегнаа да го користат зборот „геноцид“, нарекувајќи ги настаните „голема трагедија“, „голема несреќа “.

„Американците ги почитуваат сите Ерменци кои загинаа во геноцидот што се случи на денешен ден, пред 106 години“, рече Бајден во изјавата.

„Станува збор за чест на споменот на жртвите, а не да се обвинување никого“, рече американски официјален претставник кој сакаше да остане анонимен.

Набргу потоа, турскиот министер за надворешни работи рече дека Анкара „целосно ја отфрла“ одлуката на САД за признавање на ерменскиот геноцид. Анкара негира дека имало геноцид врз Ерменците и ги опишува спротивните изјави како лажни, забележува АФП. Според Турција, станува збор за меѓусебни масакри меѓу Турците и Ерменците во услови на глад и граѓанска војна, во кои загинаа стотици илјади луѓе.

Ова се очекува дополнително да ги влоши односите меѓу Вашингтон и Анкара, откако вчера Бајден имаше напнат и остар разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, за да го извести за неговата одлука.

Во меѓувреме, илјадници Ерменци денес излегоа на улиците на Ереван со свеќи и цвеќиња во рацете за да ја одбележат 106-годишнината од масакрите врз Ерменците од страна на Отоманската империја за време на Првата светска војна, објави АФП.

Многу луѓе се собраа во центарот на ерменската престолнина, каде што беше подигнато спомен-обележје за жртвите на масакрите, кои Ерменија, триесетина земји во светот и заедницата историчари ги опишуваат како геноцид. Турција силно се спротивставува на оваа квалификација на трагичните настани, забележува агенцијата.

Францускиот претседател, Емануел Макрон денес го посети Меморијалот за ерменски геноцид во Париз.

Се проценува дека меѓу 1,2 и 1,5 милиони Ерменци биле убиени од Отоманската империја, пренесува АФП.

Гневот на Ерменците против Турција се зголеми по поразот на Ерменија во војната во Азербејџан минатата есен во сепаратистичкиот регион Нагорно Карабах, бидејќи Анкара го поддржа Баку во конфликтот.

Ерменскиот премиер го опиша конфликтот како „азербејџанско-турска агресија насочена кон бришење на ерменската трага“ во Карабах.

Конфликтот, кој избувна во септември и траеше шест недели, заврши со посредство на Русија.