Папата Франциск повлече драстичен потег и официјално го лиши Државниот секретаријат на Ватикан од финансиски имот и недвижен имот, откако стотици милиони евра донации и инвестиции беа предмет на истрага за корупција.

Поглаварот на Ватикан за време на викендот потпиша нов закон, со кој се наредува државниот секретаријат да го заврши трансферот на целиот имот во другата канцеларија на Ватикан до 4 февруари, јави АП.

Законот исто така наложува сите донации на папата и другите донации управувани од Државниот секретаријат да бидат управувани од Канцеларијата за финансии и трезорот на Ватикан како посебни средства што треба да бидат запишани во консолидираниот буџет на Светата столица

Измените се одговор на спиралната кривична истрага на Ватикан за долгогодишните обвинувања дека Државниот секретаријат на Ватикан лошо управувал со донации и инвестиции, што резултирало во загуба на десетици милиони евра за време на финансиската криза за Светиот Престол.

Обвинителството на Ватикан истражува зошто и како Секретаријатот на Ватикан инвестирал 350 милиони евра во луксузна станбена зграда во Челси, престижен дел од Лондон, како и други шпекулативни фондови.

Скандалот откри дека поединци во Ватикан, заедно со некои италијански бизнисмени познати по матни зделки, го користеле незнаењето на кардиналите за деловните одлуки за проневера на милиони.

Секретаријатот на Ватикан досега беше најмоќното тело на папската држава.

Пред неколку години, тогашниот министер за економија на Ватикан, австралискиот кардинал Џорџ Пел, посочи на некои можни злоупотреби во секретаријатот.

Пел, кога го назначи папата Франциск, посочи дека секретаријатот се спротивставува на економските реформи и контролата на „црните фондови“. Пел мораше да ги прекине своите реформи, затоа што во Австралија се соочи со обвинувања за сексуално злоставување, поради што некое време беше во затвор, но подоцна беше ослободен.