Приврзаниците на Доналд Трамп се судрија со безбедносните сили и упаднаа во зградата на Конгресот за време на сесијата на која требаше да се потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори!

Претставничкиот дом на САД би можел да покрене постапка за импичмент на сегашниот претседател Доналд Трамп, а Сенатот треба да го отстрани од таа функција. Постапката за импичмент ја објави претставникот на Конгресот од Минесота, Илхан Омар, откако група приврзаници на Трамп насилно упаднаа во Капитол.

Таа на Твитер откри дека започнала да собира документација со цел да започне постапката за отповикување на претседателот Трамп.

Не можеме да дозволиме да остане на функцијата, тоа е прашање на зачувување на нашата Република и мора да ја исполниме заклетвата која ја дадовме- напиша Омар на Твитер.

Демократите се расправаа за импичмент откако беше објавен телефонскиот разговор на Трамп со државниот секретар на Џорџија, но некои демократи изјавија дека не сметаат дека импичментот е неопходен бидејќи мандатот на Трамп завршува за две недели.

Сепак, денешните настани на некој начин би можеле да го променат нивното мислење.

Да потсетиме, приврзаниците на Доналд Трамп се судрија со безбедносните сили и упаднаа во зградата на Конгресот за време на сесијата на која требаше да се потврди победата на Џо Бајден. Потпретседателот Мајк Пенс беше однесен на безбедно место од полицијата.

Полицијата употреби солзавец пред Конгресот за да ги растера демонстрантите, а градоначалникот на Вашингтон воведе полициски час.