Конгресот на САД во четвртокот ја потврди победата на поранешниот американски потпретседател Џо Бајден на претседателските избори во САД и објави дека тој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

По завршувањето на неколкучасовната дебата и отфрлањето на приговорите на републиканците за резултатите од гласањето во државата Пенсилванија, Конгресот ги потврди резултатите од гласовите на изборниот колеџ во преостанатите 12 држави, на кои немаше приговори.

Со потврда на бројот на освоени гласови во сојузната држава Вермонт, Бајден го надмина потребниот праг од 270 гласови.

Откако беа потврдени и резултатите од последната држава Вајоминг, објавено е дека Бајден го победил актуелниот претседател Доналд Трамп со вкупно 306 спрема 232 електорски гласови од изборниот колеџ.

Новоизбраниот претседател eо Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе бидат инаугурирани на церемонијата на 20 јануари.

Објавена е и првата реакција на Трамп по одлуката на Конгресот. Имено, по последното објавено видео, Твитер ја суспендираше налогот на Доналд Трамп. Но, неговиот помошник на социјалните мрежи, Дан Скавино , ја објави на Твитер изјавата на Трамп:

„Изјава на претседателот Доналд Трамп по потврдата на изборните гласови:

Иако воопшто не се согласувам со исходот од овие избори и фактите ме поддржуваат, сепак ќе има мирна транзиција на власта на 20 јануари. Отсекогаш сум велел дека ќе ја продолжиме нашата борба да се осигураме дека бројат само законските гласови. Иако ова претставува крај на најголемиот прв претседателски мандат во историјата, тоа е само почеток на нашата борба да ја направиме Америка повторно голема, Рече Трамп.

Да потсетиме, четири лица беа убиени, а 52 беа уапсени откако приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп упаднаа во Конгресот во средата за да спречат потврда на изборната победа на неговиот наследник eо Бајден, објави полицијата на американскиот главен град.