Земјите од Европската унија официјално се согласија во средата да ги стартуваат патните легитимации за ковид, како чекор кон отворање на туризмот ова лето, а за деталите ќе преговараат со пратениците во Парламентот во текот на мај, изјавија два дипломатски извори, цитирани од грчкиот весник Катимерини.

Сертификатите ќе им овозможат на вакцинираните, разазени од ковид или лица со негативни резултати од тестовите полесно да патуваат во ЕУ, каде ограничувањата во сообраќајот и нанеле големи штети на туристичката индустрија повеќе од една година.

27-те земји-членки на ЕУ ја потенцираа својата посветеност да ја подготват рамката до летото 2021 година, според документот одобрен од националните претставници, објави Ројтерс.

Европскиот парламент, кој исто така мора да се согласи на предлогот да стапи на сила, мора да ја дефинира сопствената позиција подоцна овој месец, а конечните разговори меѓу пратениците, националните пратеници и извршната власт се очекува да започнат во мај.

Земјите на ЕУ работат паралелно за да се осигурат дека „неопходните технолошки решенија се во функција“, се вели во одлуката, така што ќе можат да се користат нови дигитални или хартиени сертификати откако ќе бидат одобрени.

Договорот меѓу земјите-членки вклучува одредби против дискриминација на оние кои не се во можност или не сакаат да се вакцинираат и дозволува голем број тестови за да се докаже закрепнување од вирусот.

Додека од земјите-членки ќе се бара да ги признаваат вакцините одобрени од ЕУ, од специфични земји може да се издадат сертификати за руската вакцина Спутник или кинеската вакцина Синовац, кои се овластени само на нивна територија.

Другите земји на ЕУ ќе имаат право сами да одлучат дали ќе прифатат потврда за вакцина која не е одобрена од регулаторите на ЕУ.