Откако граѓаните дознаа дека украсувањето на Скопје за Нова година ќе ги чини 200.000 евра, и за тоа жестоко реагираа на социјалните мрежи, Слободен печат се обиде да дознае за што точно ќе бидат наменети овие средства, каде ќе се украсува и дали во оваа сума ќе биде опфатен и новогодишниот концерт на 31 декември.

Од одговорот кој што го добивме од Град Скопје, јасно се гледа дека сумата од 200.000 евра ќе се потроши само за светилки, и елка, без вклучена забавна програма.

– Како и секоја година, Град Скопје распиша една јавна набавка Изработка и реализација на проект за декорирање и украсување по повод Нова Година 2021. Во проектот е опфатено набавка на светилки, украсни елементи, поставување на централната елка на Плоштад Македонија (најмалку 20 метри), како и на повеќе други локации и
украсување на централното градско подрачје со светилки и украси, во духот на модерното време и живеење, со висок естетски, уметнички и ликовни ефекти, запазувајќи го притоа унифицирачкиот елемент на просторот, се вели во одговорот на Градот.

Оттаму појаснуваат дека фирмата која ќе го добие тендерот ќе треба и да ги отстрани украсите.

-Понудите до Град Скопје треба да се достават најдоцна до 26.10.2020 година, а за оваа јавна набавка се предвидени 12.711.864,40 денари без ДДВ, велат од Градот.