Грчките лекари денеска поминаа низ центарот на Солун со членовите на семејствата и пријателите со цел да ја докажат неточноста на информациите во врска со носењето маски, кои кружат меѓу населението за време на пандемијата на корона вирусот, пренесуваат агенциите.

Неколку десетици луѓе ја минаа должината од два километра, со маски на лицето, бргу одејќи или трчајќи. Потоа, тие го измерија нивото на кислород и јаглерод диоксид во крвта, кои беа во границите на нормалата.

Противниците на задолжителното носење маски шират неточни тврдења дека е лошо за здравјето и го отежнува дишењето кај луѓето. Лекарите, специјалисти по пулмологија, сакаа да докажат дека не се во право.

Пулмонологот Ираклис Титопулос за Асошиејтед Прес после настанот изјави дека маските, заедно со социјалното дистанцирање и личната хигиена, се единствената мерка за заштита од коронавирус.

„Никогаш не би поверувал дека толку голем дел од населението ќе негира нешто што е толку очигледно“, рече Титопулос.

Грција забележа скок на бројот на нови инфекции со корона вирусот од почетокот на август, но нема смртни случаи. Од досега потврдени 19.300 случаи на инфекција во Грција, речиси 80 проценти се регистрирани од почетокот на август.