Грција денес ги отвори шесте главни пристаништа за големите прекуокеански крузери, за прв пат оваа туристичка сезона по појавата на пандемијата на коронавирус. Сепак, првите бродови се очекуваат за три недели.

Во писмото на министерот за туризам Хари Теохарис до Меѓународната асоцијација за крстарење и поголемите оператори за крстарење се вели дека пристаништата Пиреја, Родос, Хераклион, Волос, Крф и Катаколон се подготвени повторно да примат патници од големите крузери.

По пристигнувањето во едно од шесте споменати пристаништа, крузерите потоа ќе можат да пловат и на други места во Грција, во согласност со локалните барања поврзани со пандемијата, пренесува агенцијата АНА.

Крузерите ќе започнат да пристигнуваат во грчките пристаништа на 20-ти август, изјави министерот за поморски транспорт, Јанис Плакиотакис.

Во Грција, каде живеат 10,5 милиони луѓе, досега се регистрирани скоро 4500 случаи, а 206 лица починале како резултат на инфекција со корона вирусот.

Туризмот сочинува една четвртина од грчката економија, така што властите се обидуваат да го оживеат тој сектор, потенцирајќи дека земјата успеа да се справи добро со пандемијата.

Земјата ги отвори своите копнени граници во јуни, а ги отвори аеродромите на 1 јули, претежно за летови од Европа.

Од 1,3 милиони патници, според официјалните податоци, регистрирани се 340 позитивни за коронавирус.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *