Грција го пријави првиот случај на коронавирус во пренатрупаниот мигрантски камп Морија на островот Лезбос, соопштија во средата двајца претставници на грчките власти.

40-годишниот барател на азил бил тестиран на вирусот и бил ставен во изолација, потврди еден од официјалните лица за Ројтерс. Властите се обидуваат да утврдат со кои луѓе тој контактирал во изминатиот период.

Логорот Морија, каде се сместени 13.000 мигранти често е критикуван од групите за човекови права за лошите услови за живот. Од 1 март сите мигранти кои стигнаа до Лезбос беа ставени во карантин.

Грција забележа 10.524 случаи на Ковид-19 од првата регистрирана инфекција во февруари и 271 смртен случај поврзан со Ковид-19.

Бројот на заразени се зголеми во последните неколку недели, што ги натера грчките власти постепено повторно да воведат ограничувања за да го спречат ширењето на вирусот.

Лезбос е близу до турскиот брег и стотици илјади мигранти и бегалци го користеа островот како почетна точка во последните неколку години, во обид да стигнат до територијата на Западна Европа.


Напишете коментар