Грција планира од следната недела да го укине карантинот за патници од Европската унија и уште пет други земји, вклучувајќи ја и Србија, кои биле вакцинирани или биле тестирани со негативен резултат на ковид 19, изјави денеска висок владин претставник.

Грција, која минатата година излезе од децениската финансиска криза пред пандемијата, рече дека ќе го отвори својот туристички сектор, кој е клучен двигател на растот за нејзината економија, од средината на мај.

Постепено ќе ги укинеме ограничувањата на почетокот на следната недела пред отворањето на 14 мај, изјави за Ројтерс службеник од Министерството за туризам, кој побара да не биде именуван.

Официјалниот претставник рече дека граѓаните од Европската унија, САД, Србија, Велика Британија, Израел и Обединетите Арапски Емирати ќе им е биде дозволено да патуваат во Грција преку аеродромите во Атина, Солун, Ираклион, Ханија, Родос, Кос, Миконос, Санторини и Крф и два гранични премини.

Патниците од тие земји нема да бидат ставени во карантин доколку докажат дека примиле две дози вакцина против ковид 19 или покажат негативен PCR тест не постар од 72 часа пред нивното пристигнување, рече официјалното лице, додавајќи дека туристите ќе мора да ги почитуваат домашните ограничувања.

Минатиот месец, Грција укина еднонеделен карантин за израелски патници кои биле вакцинирани и биле со негативен PCR тест.

За патниците од Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати, исто така, потребен е втор задолжителен тест по пристигнувањето.