Од денеска до 31 јули во соседна Бугарија на силa стапи нова привремена забрана за влез на нејзината територија за сите лица од Македонија, без оглед на нивното државјанство, а како резултат на лошата епидемиолошка ситуација со коронавирусот во земјава.

Исклучок од забраната има само за македонските државјани кои транзитираат преку Бугарија за да се вратат дома. Забраната важи и за граѓани на Србија, БиХ, Црна Гора, Косово, Албанија и Турција.

Од истата причина и Грција до 31 јули го продолжи 2020 година привременото ограничување на сите авионски, железнички и копнени поврзувања со земјава, како и забраната за влез на грчка територија на лица преку македонските гранични премини.

Исклучок од забраната се грчки државјани, лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, а забраната не важи и за транспорт на стоки, како и за влез на лица за апсолутно неопходни професионални причини или за транзит на болнички возила.

Од соседните држави, македонските државјани без ограничувања може да патуваат само во Србија и Албанија. За влез во Косово пак е потребно да се приложи негативен тест кој не смее да биде постар од 72 часа. Ова не важи само доколку македонски државјани слетаат на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина, и потпишат изјава дека во рок од три часа ќе го напуштат Косово. Од оваа обврска се ослободени превозниците што влегуваат во Косово и странските дипломати и нивните семејства, како и државјаните на трите земји, кои имаат и косовско државјанство и живеалиште во Косово.

За влез пак во земјава од соседните држави, неопходно е приложување на  ПСР тестот, не постар од 72 часа, само за жители на Косово и Србија, освен во случаите кога тие само транзитираат низ Македонија.

Македонските државјани засега имаат можност туристички, со авион, да патуваат  во Турција или Египет, но се повеќе држави целосно забрануваат летови од Македонија, поради високите бројки на заразени од коронавирусот. Така на пример, по ваквата забрана од страна на Италија, компанијата „Визер“ пред неколку дена целосно ги укина авионските летови од Македонија до Италија. Слична најава стигнува и од Австрија која донесе уредба за проширување на листата за забрана за слетување на авиони од земјите од Западен Балкан.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *