Грчкиот министер за туризам Харис Теохарис најави дека до крајот на пандемијата ќе има две категории туристи, оние кои не се вакцинирани и оние примиле вакцина против COVID-19.

За оние кои се вакцинирале, условот за влез нема да биде ниту карантин, ниту негативен тест, туку при влез во земјата ќе треба да приложат потврда за вакцинација.

За оние кои не ја примиле вакцината Грција ќе ги прошири мерките за контрола на границата. Исто така, постои сеопфатен план за поддршка на компаниите и работниците погодени од епидемиолошката криза.

„Секој што е вакциниран во Грција ќе добие дигитален сертификат“, рече Теохарис.

Исто така се дискутира за взаемно признавање на сертификатите помеѓу земјите на поаѓање и пристигнување. Вакцинацијата има големи придобивки, бидејќи Грците ќе станат побезбедни.

Теохарис исто така рече дека вакцинацијата ќе влијае на резервациите на туристите од земјите кои ги интересираат, а тоа се Германија, Велика Британија, Италија, Франција…

Веројатноста дека вакцинираните лица ќе добијат коронавирус е многу мала, објасни грчкиот министер, поради што земјата не планира да ги стави на тестирање и карантин. За оние туристи кои не се вакцинирале, мерките ќе зависат од текот на вакцинацијата и епидемиолошката состојба во земјите од каде доаѓаат.

Кипар, на пример, ги подели земјите во четири категории во зависност од епидемиолошката состојба. Туристите кои доаѓаат од „црвената зона“ мора да приложат ПЦР-тест и патничко осигурување и може повторно да бидат тестирани на граница и, доколку бидат позитивни, Кипар им обезбедува враќање дома. Туристите од „жолтата зона“ мора да имаат осигурување и ПЦР тест. „Сива зона“ значи само случајно тестирање на граница. Туристите од „зелената зона“ треба да имаат само осигурување.